|
Многу луѓе кои не се запознаени доволно, се фрустрираат кога се обидуваат да поврзат два комјутери во мрежа директно со кабел без користење на дополнителни мрежни компоненти како свич, рутер или хаб, и притоа се соочуваат со нефункционалност на мрежата и неможност истата да ја конфигурираат воопшто да проработи. Проблемот всушност е многу едноставен и не е во компјутерите или подесувањето, туку во самиот кабел.
Кабелот кој што ви треба во ваков случај се нарекува cross-over кабел и е малку различен од стандардниот мрежен кабел наречен pin-to-pin. Всушност cross-over кабелот не е ништо друго туку малку модифициран стандарден мрежен кабел. Мрежниот кабел се состои од 8 жици групирани како 4 пара од по две жици, а секоја жица е обележана со соодветна боја. Кај стандардниот pin-to-pin кабел, распоредот на овие жици е ист на двете страни односно краеви на кабелот. При комуницирањето на компјутерите преку мрежниот кабел, еден пар од жиците се користи за испраќање на податоци а друг за примање. Но директното поврзување на два компјутери со стандарден pin-to-pin кабел неможе да функционира бидејќи со ваков кабел парот за испраќање на податоци на едниот компјутер е поврзан со парот испраќање на податоци на другиот, односно парот за примање на податоци на едниот компјутер е поврзан со парот за примање на другиот. За правилно да функционира конекцијата, потребно е парот за испраќање на податоци на едниот компјутер да биде поврзан со парот за примање на другиот. Поради тоа е невозможно компјутерите меѓусебно да комуницираат директно поврзани со ваков кабел без користење на дополнителна мрежна опрема, односно хаб, свич или рутер, кој автоматски ги детектира сигналите кај кабелот од едниот компјутер и ги пренасочува кон кабелот од другиот компјутер на правилен начин. Токму затоа за ова ви е потребен cross-over кабел, кој всушност е кабел со модифицирани, односно на некој начин “вкрстени” парови на жиците во RJ-45 конекторите на мрежниот кабел.  RJ-45 конектори кај cross-over мрежен кабел
Освен оваа карактеристика и предноста што може да се користи за директно поврзување на два компјутера, во све друго cross-over кабелот е идентичен со стандардниот pin-to-pin кабел. Cross-over кабелот исто така може да се користи преку дополнителни мрежни компоненти односно свич, рутер или хаб, што значи дека со ваквиот кабел само добивате плус една предност и нема недостатоци во однос на pin-to-pin кабелот. За жал вакви кабли многу ретко се продаваат како готови фабрички кабли, поготово кај нас, па затоа треба или сами да си го направите, што и не е воопшто тешко со малку пракса и познавање, или пак да го однесете стандардниот кабел во најблискиот компјутерски сервис до вас, и без проблем ќе ви го преправат во cross-over со тоа што се одстранува едниот конектор од кабелот, се прегрупираат жиците и се става нов конектор. Нормално тоа може и да ве чини некоја ситна паричка. Доколку пак се решите сами да го направите ова, во продолжение следи табела со распоредот на жиците во двата конектори на кабелот, како и шематски приказ на распоредот на жиците во кабелот. | Pin (Connector A) | Боја на жицата | Pin (Connector B) | | 1 | Бела со зелени шари | 3 | | 2 | Зелена | 6 | | 3 | Бела со портокалови шари | 1 | | 4 | Сина | 4 | | 5 | Бела со сини шари | 5 | | 6 | Портокалова | 2 | | 7 | Бела со кафени шари | 7 | | 8 | Кафена | 8 | 
Горната табела и слика важат за стандардна мрежа со брзина на трансфер од 10/100 Mbps. Доколку сакате да направите cross-over кабел за Gigabit мрежа, распоредот на ожичувањето е даден во долната табела. Разликата е во тоа што гигабитната мрежа користи по два пара за испраќање и примање на податоците. | Pin (Connector A) | Боја на жицата | Pin (Connector B) | | 1 | Бела со зелени шари | 3 | | 2 | Зелена | 6 | | 3 | Бела со портокалови шари | 1 | | 4 | Сина | 7 | | 5 | Бела со сини шари | 8 | | 6 | Портокалова | 2 | | 7 | Бела со кафени шари | 4 | | 8 | Кафена | 5 | |